Staging е точна копија на вашиот сајт, на скриена адреса, каде можете да кршите што сакате — без ниту еден вистински посетител да види. Ако сајтот ви носи нарачки или барања, ова не е луксуз.
Зошто постои
Затоа што секоја промена е ризик: ажурирање на плагин, нова тема, промена на checkout, нов код. На живо, грешката ја плаќаат вашите клиенти. На staging — никој.
Кога задолжително се користи
- Големи ажурирања (WordPress, WooCommerce, плаќања)
- Промена на дизајн или структура
- Нов плагин што допира наплата или достава
- Пред секоја празнична кампања — не се тестира на Црн петок
Како изгледа во пракса
- 1. Од cPanel (или преку нас) се прави копија за минута
- 2. Работите таму: ажурирате, менувате, кршите, поправате
- 3. Тестирате СÈ: почетна, форма, кошничка, наплата, мејлови
- 4. Ги префрлате промените на живо — или ги фрлате ако не ви се допаднале
Стапиците што треба да ги знаете
- Google не смее да го индексира — staging мора да е затворен со лозинка или noindex, инаку добивате дупла содржина
- Не праќајте вистински мејлови од staging — тест-нарачките знаат да им пратат потврди на вистински клиенти
- Внимавајте со наплатата — користете тест-режим, не вистинска картичка
- Не работете на две места истовремено — ако додавате производи на живо додека уредувате на staging, префрлањето ќе ги прегази
Кај нас
Staging го правиме за клиентите кога има поголема промена — и е стандарден дел од одржувањето за продавници. Правило: колку е поголем сајтот, толку помалку смеете да пробувате на живо.